Аукција - поим и како функционира.
Аукција е продажба со јавно наддавање, или лицитација. Тоа е најдобар механизам на пазарна економија
зашто најреално ја утврдува цената по кој еден производ се продава - тоа е цената што купецот е спремен
да ја плати за производ со дадени карактеристики. Аукцијата ја добива (а со тоа станува купец) оној
кој што ќе понуди највисока цена за производот што се нуди. Интернет аукциите имаат закажано свој
почеток и крај. Тие обично траат по неколку дена. По истекот на рокот, аукцијата завршува, и понудувачот
кој што понудил највисока цена го добива предметот, доколку цената на производот ја достигнала тн.
"резервна цена". Интернет аукцијата на www.makedoniko.com
овозможува револуционерна промена: во играта сега може да се учествува од вашиот дом или канцеларија,
и може да учествуваат неограничен број луѓе, во секое време на денот и ноќта!
Резервна цена, што е тоа?
Резервна цена е долна граница (минимум неопходна цена) кој што еден производ треба да ја
постигне за да воопшто биде продаден. Во спротивно, производот не мора да биде продаден. Пример, вие
продавате користен телевизор. Вие цените дека телевизорот не би го продале за помалку од 300 DM.
Почнувате со почетна цена која е помала од резервната (во овој случај 300 DM), и во текот на наддавањето цената
се приближува кон 300. Доколку на крајот на аукцијата цената сепак не ја достигне долната граница од
300 DM, производот може, но не мора да го продадете. Ако пак производот постигне било каква цена
која е повисока од 300 DM, имате дури и должност да го продадете телевизорот, бидејќи сте се обврзале
кон тоа. Нашите интернет аукции во секој момент објавуваат дали производот ја има или нема достигнато
резервната цена, заради подобра ориентација на учесниците на аукцијата, но точната вредност на
резервната цена никогаш не се објавува. Неа ја знае само продавачот.
Валута во која се објавени предметите за аукциска продажба.
Поради униформност и едноставност, цените на сите предмети се објавени во германски марки (DM).
Тоа не значи дека плаќањето мора да се изврши во DM, туку само ја изразува вредноста на цената на
производот во секој момент во текот на аукцијата.
Структура на понудените предмети за аукција.
Понудените предмети за аукција може да бидат најразлични, иако не сите производи се еднакво
погодни за аукциска продажба. Заради поедноставно следење и пронаоѓање на предметиите за аукција,
тие се групирани во неколку категории (рубрики). Табелата со категории на производи се наоѓа на првата
страница на нашите аукции, и во неа е објавено колку предмети од секоја категорија во моментот се
понудени за продажба. Пример, ако во табелата, под колоната "Предмет" стои бројот 5 за категоријата
"Уметнички слики", тоа значи дека во моментот тече продажба на 5 уметнички слики, во чија продажба
може да се учествува.
Понатаму, со кликнувањето врз таа категорија, добивате нова табела во која
поединечно се претставени предметите. Секој предмет од дадена категорија е претставен со неговото име
(пример, уметничка слика "Пролет"), потоа датум на завршување на аукцијата за тој производ, бројот на
досегашни понуди до тој момент, и достигнатата цена.
Понудувач на предмети за аукциска продажба.
Единствен понудувач на предмети за аукциска продажба е организаторот на оваа аукција, и тоа е
фирмата НетМаркет ДООЕЛ од Скопје, преку нејзината страница www.makedoniko.com.
НетМаркет продава исклучиво производи од други фирми или индивидуалци. Ако сте заинтересирани за продажба
на свои производи преку нашата аукција, контактирајте не овде.
Учесници на аукцијата.
Учесник на аукцијата може да биде било кој, индивидуалец или фирма, од било кое место од
републикава. Единствен услов за учество е претходна регистрација на учесникот.
Регистрација.
Регистрацијата се врши заради следење на идентитетот на учесниците во аукцијата. При регистрацијата,
учесникот добива свое "корисничко име" под кое се претставува како наддавач. Тоа може да е вашето вистинско
име или псевдоним кој што самите ќе си го одберете. При наддавањето, на екранот се чита само вашето корисничко име
така што целосниот идентитет на учесниците е анонимен.
Се што треба е да кликнете на линкот "регистрирај се" кој се
наоѓа при дното на секоја страница и да го пополните краткиот формулар со контакт информација за вас.
Регистрацијата е бесплатна. По регистрацијата, ќе добиете email порака на вашата email адреса која
ќе ви потврди дека регистрацијата е успешна, и ќе ви го соопшти вашето корисничко име и лозинка кои
ќе ви бидат потребни при купување на производи преку нашата аукција. Истата лозинка може да се
користи неограничен број пати, таа е трајна и доделена само на вас. Запишете си ја и добро чувајте ја. Во секое
време можете да си ја промените лозинката (или контакт информацијата за вас) самите, и тоа го правите со
кликнување на линкот "Промени постоечка регистрација" при дното на секоја страница.
Обврски и одговорности.
1. НетМаркет се обврзува да ја организира и спроведува аукцијата во фер услови, гарантира дека
понудените цени и хронологија на наддавање ќе бидат точни и беспрекорни, дека највисоката понуда ќе
го добие предметот, и дека предметот ќе биде доделен на вистинскиот победник на наддавањето,
доколку ја постигне резервната цена. Доколку предметот не ја достигне резервната цена, предметот може
но не мора да биде доделен на понудувачот кој што понудил највисока цена. Понатаму, НетМаркет
гарантира дека фотографијата и информацијата кои ќе бидат претставени за секој предмет и ќе го отсликуваат вистинскиот
квалитет и состојба на понудениот предмет, ќе бидат веродостојни и вистински. Со други зборови, ви
гарантираме дека предметот за акциска продажба е навистина во онаква состојба каква што велиме дека е.
Ако сепак имате дополнителни прашања во врска со предметот пред да се решите дали сте заинтересирани,
контактирајте не овде.
2. Учесниците на наддавањето се обврзуваат да го купат предметот по највисоката цена која ја понудиле за
тој предмет во текот на аукцијата, доколку е постигната резервната цена. По завршувањето на аукцијата, НетМаркет
ќе го контактира победникот на аукцијата и ќе се договориме за деталите во врска со испораката и
начинот на плаќање. Доколку купувачот смета дека сепак предметот не одговара на описот претставен
на аукциската продажба, има право да го откаже купувањето, и ние ќе го уважиме барањето. Сметаме на
фер соработка и од страна на купувачите и очекуваме дека тенденциозни проблеми нема да се создаваат.
Со други зборови, ако купувачот инсистира да не го плати добиениот предмет, нема да одиме во крајност
и да го доведеме предметот до судски процес, но ако сметаме дека противењето не е засновано на
вистински аргументи во врска со добиениот предмет, го задржуваме правото купувачот засекогаш да го
исклучиме од правото на повторни аукциски наддавања кај нас.
Затворени аукции.
Овој линк (при дното на секоја страница) ве води кон архивата на нашите аукции. Овде можете да вршите преглед врз аукциите на
кои сте учествувале. Се што треба да направите е да го внесете вашето корисничко име и лозинка, и
системот ќе ви ги даде информациите за сите аукции, во онаков формат каков што биле за време на
самата аукција. Може да се види за што сте наддавале, кога, по која цена, кој ја добил аукцијата по која цена и сл.